T-Mobile Pulse е еден навистина интересен телефон, кој всушност е Huawei U8220 брендиран на T-Mobile. Можеби го нема гламурот на iPhone, има просечна камера, но затоа има голем капацитивен екран и работи на Android оперативен систем.
ПРЕДНОСТИ
3.5 инчен капацитивен екран на допир со 65К бои и резолуција од 320 x 480 пиксели
Android оперативен систем 1.5 Cupcake, можност за надградба до 2.1 (официјален)
Позадина поделена на 15 дела
Избор од три виртуелни тастатури и хоризонтална тастатура
Прилично гласен и квалитетен звучник
Солиден квалитет на изработка
Избор од црн и бел заден дел (како кај iPhone)
Трекбол
MicroUSB конектор за полнење/дата кабел
3.2 мегапикселна камера со автофокус
GPS навигација
WiFi поврзување
Достапна цена
НЕДОСТАТОЦИ
Застарен Android ОС 1.5 (сепак има можност за надградба)
Слаб квалитет на камерата
2.5 мм аудио џек
Трекболот е тежок за користење
Andorid оперативниот систем се повеќе е присутен кај повеќето марки и модели на мобилни телефони. На тој чекор се одлучи и Huawei конкретно со моделот изработен за T-Mobile наречен Pulse. Фабрички со телефонот доаѓа здодевниот 1.5 cupcake, но од T-Mobile имаат официјална поддршка и изработено 2.1 ROM, со кој лесно и брзо може да го надградите.
Во пакувањето со Pulse следува богата опрема за еден релативно ефтин смартфон, па така покрај телефонот имате: адаптер за полнење, USB дата кабел, стерео слушалки со 2.5 мм џек, 3.5 мм аудио адаптер, заштитна футрола (торбичка) и секако упатства и софтвер за поврзување.
На предниот дел на T-Mobile Pulse доминира 3.5 инчниот капацитивен екран на допир со 65К бои и резолуција од 320 x 480 пиксели. Тој има висока осетливост, посебно со некои од поновите верзии на софтвер. Над екранот се наоѓа слушалката и предната камера за видео повик, под екранот се наоѓаат копчињата за повик, копчето за мени, за назад и во средината трекбол. На многумина ќе им претставува тешкотија работењето со трекболот, но и ретко кога ќе користите.
На левата страна во горниот дел се наоѓа копчето за вклучување/исклучување на телефонот и под него слотот за MicroSD картички кој е покриен со пластично капаче.
На десната страна се наоѓа копчето за контрола на звукот и соодветното копче за камера.
На горниот дел под заштитното капаче се наоѓаат MicroUSB портата која служи за полнење и конекција со PC, како и 2.5 мм аудио џек. На долниот дел се наоѓа само микрофонот.
Задниот дел доаѓа во црна или бела боја, црното капаче има изглед на карбон. Најгоре се наоѓа камерата од 3.2 мегапиксели со автофокус, која нема некој особен квалитет и произведува просечни слики. Под неа е логото T-Mobile и отворот за звучник.
Кога сме кај звучникот да напоменеме дека истиот е навистина гласен и произведува одличен квалитет на звук. Под капачето се наоѓа батеријата со капацитет од 1500 mAh која со нормално користење издржува и до 3 дена.
Со димензиите од 116 x 63 x 13.5 мм и масата од 130 грама се скоро идентични на iPhone 3G/3GS. Pulse нуди одличен баланс помеѓу квалитет/функции и цена, со што се очекува да го привлече вниманието на помладите корисници.
Музичкиот плеер е солиден и донекаде потсетува на оној од iPhone, при поголем број на песни листањето е поспоро и знае да подзакочи. Како што споменавме звукот е навистина гласен и квалитетен, што не е случај кога се користат слушалките, на нив звукот е просечно гласен.
Основното мени на Pulse е поделено на 15 дела и на секој од нив може да ставате свои widget-и, часовници, икони за брз пристап, како и голем број на widget-и кои може да ги превземете од маркетот.
Виртуелните тастатури се комфорни за куцање на големиот екран, имате избор од 3 виртуелни тастатури и секако со ротирање добивате и екстра голема хоризонтална тастатура.
Конективноста е една од позитивните страни на Pulse, тој поседува quad-band GSM/EDGE како и брза 3G конекција со 7.2Mbps HSDPA и HSUPA. Исто така поседува и WiFi, Bluetooth 2.1 како и GPS поврзување со A-GPS поддршка. На располагање се секако MicroUSB портата и слотот за MicroSD мемориски картички.
ЗАКЛУЧОК
T-Mobile Pulse беше навистина добро прифатен телефон, посебно на нашиот пазар, тоа во голема мера се должи на пристапната цена и солидните перформанси, како и Android оперативниот систем. Во битката со конкурентите можеби најголема предност има со 3.5 инчниот капацитивен екран на допир и изгледот кој потсетува на iPhone.
Поддршката од официјалниот T-Mobile и од развивачите на кастом софтвери е секако присутна, па така може да го надоградите со 2.1 официјален ROM или пак со многуте кастом ROM-ови кои ви се на располагање. Во поглед на цената T-Mobile Pulse нуди повеќе отколку што очекувате.